Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, е задоволен од перспективата на националниот тим и од она што помладите го покажуваат во досегашниот дел од подготовките за СП 2019 во Данска и во Германија. „Црвено-жолтите“ во следните два дена ги очекуваат две контролни средби со Србија, на кои Лазаров очекува добри настапи како увертира за мундијалските предизвици.
„Тренираме напорно, младите покажуваа карактер и квалитет и тоа е она што е најважно. Еден ден на тренинг изгледаме како најдобра репрезентација во светот, по 24 часа изгледаме како најслаба селекција, но тоа е сосема очекувано со оглед на големиот број на помлади ракометари. Најважно е што се поседува и потенцијал и квалитет, но и желба за напредок, тоа е она што ми дава верба, дека под водство на врвен стратег како Раул Гонзалес македонскиот ракомет ќе продолжи да се развива“ – изјави Кире Лазаров.
Капитенот сепак е свесен дека не треба да се лета во облаци кога станува збор за очекувањата на овој светски шампионат.
„Неблагодарно е сега да се прогнозира што можеме да направиме, она што го гарантирам дека ќе играме најдобро што можеме, дека ќе го дадеме максимумот на секој меч, а ќе видиме за каков пласман ќе биде доволен тој максимум. Не сме го заборавиле оној дуел со Грција, по тој пораз сега и Јапонија делува за нас како светски првак. Мораме да останеме скромни, да работиме напорно без оглед на противникот и да одиме од натпревар во натпревар, почнувајќи од првиот дуел со Јапонците“ – истакнува Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА