Македонските ракометари загубија во второто коло од квалификациите за ЕП 2026 на гостувањето од Литванија со 29-27, запишувајќи го првиот пораз во новиот квалификациски циклус.
„Црвено-жолтите“ не одиграа на посакуваното ниво, за што е свесен и македонскиот селектор Кирил Лазаров кој на натпреварот не можеше да смета на Иван Џонов и Марко Митев, кои заработиле повреди на последниот тренинг пред натпреварот.
„Бевме хендикепирани со повредите на Митев и Џонов. И двајцата изразија желба да играат, но не беа доволно подготвени за ваков тип на натпревар“ – информираше Лазаров по дуелот со Литванците.
Македонскиот селектор и пред самиот натпревар истакна дека не очекува тежок меч, но и покрај поразот нема место за паника.
„Очекував тежок натпревар и тоа се случи. Тешко се победува на гостински терен ако не сте доволно добри, денеска сите играат ракомет. Имавме и добри и лоши моменти. Бевме во игра до крај за победа, но поснаодливи на крајот беа Литванците“ – рече Лазаров и дополни:
„Нема простор за паника. Целта е Македонија да се пласира на Европското првенство. Мислам дека имаме реални шанси, останатото ќе се обидеме да го поправиме и да го корегираме. Недостасуваа браќата Костески и Јагуриноски, па имаме простор за напредок“.
По два одиграни натпревари Македонија е на делба на второто место во групата со Литванија, зад Словенија која денеска минимално ја победи Естонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА