Првиот круг од ракометната Супер-лига беше заокружен со вчерашните натпревари, Алкалоид е единствениот тим со максимални 11 победи по првите 11 одиграни рунди. „Сино-белите“ на Кире Лазаров вчера имаа тешка задача на гостински терен против Охрид, но одлично одговорија на предизвикот, заслужено триумфирајќи со 22-29.
Лазаров имаше причина за задоволство од изданието на својот тим, пред се од одбраната на чело со голманот Галевски кој бранеше одлично во клучните моменти.
„Јас сум задоволен од моите ракометари, од мојата екипа… Знаете дека е тешко да се победи во Охрид имајќи во предвид какви играчи има овој тим, какви засилувања доведе во последните две години. Горд сум како одигравме, константно добро, иако имаме млада екипа одигравме максимално искусно. Посебно драго ми е што со 90% наши македонски играчи во тимот успеваме да се носиме со далеку поискусни екипи. Во одбраната бевме исклучително квалитетни, во првиот дел на моменти имаше невнимание и примени голови од шест метри, но тоа се промени во вториот дел. Знаете, многу е полесно да се игра кога имате расположен голман, тоа беше случај со нас на овој натпревар“, истакна Кире Лазаров.
Тој го поздрави се поголемото вложување во РК Охрид од страна на управата и општината, како предуслов за уште подобри резултати на овој тим во иднина.
„Без разлика на денешниот резултат јас со голема почит гледам на Охрид како на ракометен колектив, тие се во состојба да изненадат секого. Честитки до управата на чело со Градоначалникот на Охрид, кој е поранешен ракометар, за вложувањата во овој клуб. Во спортот постојат победи и порази, но важно е да се продолжи да се инвестира во ракоемтот како спорт број 1 во државата“, порача Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА