ЕКИПА во Вараждин,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари вечерва во својата база во Свети Мартин (триесетина километри од Вараждин) го одржаа последниот тренинг пред утрешниот дуел со Холандија.
Впечатоците од Унгарија се веќе сумирани, а погледите целосно се насочени кон утрешниот ривал, кој е исклучително квалитетен.
„Утрово се уште постоеше тага и разочарување кај голем дел од ракометарите, за пропуштената шанса против Унгарија. Сепак, како што минува денот тоа го снемува и целосно сме фокусирани и максимално мотивирани за дуелот со Холандија. Сепак, во составот имаме играчи кои добивале важни натпревари, кои исто така и губеле важни средби во своите кариери и знаат како да преболат спортски разочарувања. Не се сомневам дека стопроцентно ќе влеземе во следниот меч“, истакна Кире Лазаров.
Тој искажа пофални зборови за селекцијата на Холандија, потенцирајќи дека „лалињата“ според стилот на игра се понезгоден ривал за нашиот национален тим.
Ќе играме против селекција што не е толку крупна физички и агресивна во нападот и во одбраната како што тоа беше Унгарија, но Холанѓаните ги краси брза игра и мислам дека помалку ни одговараат како ривал. Ги имаме добро анализирано и ќе бидеме подготвени за нив, коефициентите во обложувалниците ги потенцираат нив како големи фаворити, но ние немаме проблем со тоа, исто беше и против Унгарија“, вели селекторот Лазаров.
Според македонскиот кормилар, најважно од се е е да биде покажана максимална борба од почеток до крај.
„Јас ќе бидам задоволен ако излеземе на терен и ако се бориме 60 минути, како што се боревме со Унгарија и претходно на контролата со Хрватска. Важно ќе биде и да не гледаме кон семафорот, да играме онака како што знаеме и умееме од првата минута, без разлика дали ќе сме во водство или во негатива. Очекувам и голема поддршка од публиката, од самиот почеток да ни даде импулс и ветер во грб, да заиграме онака како што знаеме. Ако тоа се случи, верувам дека ќе биде добро, иако морам да повторам дека против себе ќе имаме една исклучително квалитетна репрезентација“, порача Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

