Лазаров прозиваше: Без Талески против Португалија, неизвесни и Пешевски и Танкоски

Селекторот Кире Лазаров попладнево ја имаше првата прозивка на репрезентативците во пресрет на квалификацискиот двомеч со Португалија, две средби кои ќе одредат која селекција ќе го освои првото место во групата. Кормиларот на националниот тим се соочи со неочекувани проблеми откако Филип Талески поради приватни причини отпадна од комбинација за настап, а Лазаров нема да може да смета ниту на Атанасијевиќ, кој се повреди при настапите за Еурофарм Пелистер.

Како што веќе беше објавено, Лазаров за овој двомеч не смета на искусните крилни ракометари Дејан Манасков и Гоце Георгиевски. Главоболките се уште поголеми ако се знае дека на повреди се жалат и Жарко Пешевски и Марио Танкоски, двајцата ракометари на Пелистер, а по дополнителните прегледи ќе биде јасно дали тие ќе можат да настапт против Португалците.

Според планот, на подготовките последен ќе се приклучи голманот Никола Митревски, кој поради клупски обврски во Порто од утре ќе биде дел од националниот тим.

Националната селекција ќе тренира по два пати дневно, и тоа до вторник во салата „Автокоманда“, а од средба во СЦ „Борис Трајковски“, каде в четврток Македонија ќе го одигра домашниот дуел против Португалците. За три дена подоцна е закажан реванш дуелот во Порто.

Се вчитува...