Тренерот на Алкалоид, Кире Лазаров немаше многу причини за задоволство откако неговиот тим загуби со десет гола разлика од составот на Е. Пелистер.
Ланскиот дуел во Автокоманда меѓу овие два тима беше неизвесен до последната минута, но Лазаров и неговите избраници овојпат беа немоќни пред поквалитетниот противник, кој покажа зошто и сезонава е главен кандидат за шампионскиот трофеј.
„Мислам дека во овој момент Пелистер е подобар тим од нас, и индивидуално и колективно. Заслужено победија, ние во второто полувреме направивме мини-серија со која дојдовме до два разлика и помисливме дека можевме, но во тие моменти загубивме доста топки и промашивме зицери. Сакавме пребрзо да се вратиме, а „пелистерци“ тоа многу искусно го искористија и ја зголемија својата предност. Мислам дека можеби е нереално да се заврши со десет гола негатива, ова беше добар ракометен меч, но што е тука е, тие во моментов се многу поискусни од нас и подобри за ваков тип на натпревари. Ова е лекција за да работиме уште повеќе. Пелистер има зад себе напорна сезона во која играше и во ЛШ, можеби ги загуби сите натпревари, но тоа дефинитивно беше од корист за кревање на формата, за сега овој тим да изгледа така како што изгледа“, изјави Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА