Алкалоид претрпе убедлив пораз од десет гола разлика на гостувањето во Хановер во квалификациите за Европската лига на ЕХФ, конечен исход што не ги отсликува реално случувањата на теренот.
Македонскиот претставник одигра храбро, настојуваше со својот брз ритам да му парира на противникот од Бундес-лигата, избраниците на Лазаров искреираа доволно чисти ситуации за овој дуел да биде „егал“, но како пресуден фактор се покажаа промашените пенали и зицери на Алкалоид.
„Сакам да напоменам дека промашивме пет пенали и осум до девет, не велам зицери, туку чисти контри. Тоа се веќе четиринаесет моменти што се безмалку очи во очи со голман. Плус, нивниот голман имаше 19 одбрани и невозможно е да се надеваш на повеќе со ваква статистика. Напротив, мислам дека и „добро“ поминавме. Ако ја бараме причината за тие промашени не зицери туку контри и пенали, мора добро да размислиме зошто е тоа така. Дали е менталитет, дали е карактер, дали е неквалитетен шутерски тренинг или било што друго. Мора добро да се изанализира и дискутира. Не треба да бараме виновници, таа е разликата, поради тоа. Имавме во 29 минута контра за два разлика, не дадовме гол, па ни дадоа и заврши четири. Плус имаа прв напад во второ полувреме. Штета“, истакна Лазаров.
Тој остана доследен на својата ракометна филозофија, настојувајќи со брз ракомет да се надигрува со клуб од најсилната лига во светот.
„Не се повлековме да се браниме, да играме споро. Игравме брз ракомет. Во таа брзина тие беа подобри. Дали нашите промашувања се должат на ритамот? Тие се навикнати на таа игра со бундес ритамот, ние не сме. Тоа треба добро се анализира. Тие беа фаворити, ние се надевавме потајно. Сум незадоволен и малку и разочаран затоа што нашата борба е со македонскиот менталитет. Како да се промени начинот на игра. И самите видовте дека тие и во 59 минута влечеа брз центар и имаа бранови на игра. Ние се обидуваме да го следиме тоа, но денеска и со тие изработени чисти ситуации не успеавме да се носиме со тој ритам. Можеби таков беше денот, ќе се обидеме да се соземеме“, вели Кире Лазаров.
Веќе следниот викенд на програмата е реваншот во „Автокоманда“, но илузорно е да се говори за победа од 11 гола и пласман во групната фаза од Лигата на Европа.
„Ситуацијата е таква каква што е, не сакаме да останеме без Европа. Да кажам дека ќе пробаме да стигнеме, ќе делувам несериозно. Да се соземеме, да анализираме и најбитно да анализираме зошто промашувувавме. Одново не велам зицери, иако имаше и зицери, значи немаше ништо изнудено, зошто се случуваше ова? Дали притисокот, дали од важноста, дали дека прв пат играме со Германци, дали дека не сме доволно спремни да реализираме во таков ритам во таква атмосфера на гостински терен против таков тим. Тие беа лидери во Бундеслигата девет месеци, но сепак, се надевавме на подобар резултат“, изјави за крај македонската ракометна легенда на чело на РК Алкалоид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

