Лазаров: Разочаран сум од некои играчи, на вакви мечеви се напредува, а ние…

Алкалоид ги заврши настапите во Европа во оваа сезона, откако и на реваншот беше поразен од фаворитот Хановер 28-29, и Бундеслигашот обезбеди место меѓу најдобрите екипи во Европската лига на ЕХФ.

По мечот, анализа на натпреварите направи тренерот на Алкалоид, Кире Лазаров, кој не го криеше разочарувањето од разврската во двомечот.

„Честитки до Хановер на заслужената победа. Разочаран сум затоа што не реализиравме девет пенали во двата меча. Со такво нешто е невозможно да се елиминира еден таков тим кој е дел од Бундеслигата. Свесни бевме дека се подобри од нас, но да промашиш девет пенали е многу. И тоа многу тешко да победиш ваков ривал“, рече Лазаров.

Потоа, тој подетално се осврна на одиграното на денешниот реванш во салата „Автокоманда“.

„Да бидам искрен, разочаран сум од некои играчи… Јас имав некоја поинаква визија, сега гледам дека за некои ракометари не сум бил во право во она што сум го мислел за нив. Ако зборуваме генерално, задоволен сум од играта, од начинот на кој на големи периоди му париравме на еден квалитетен ривал од најсилната лига во светот. Сепак, успеавме да се вратиме од „минус пет“, имавме два гола предност и пенал… и го промашивме. Имавме зицер за израмнување во последната минута… и тој го промашивме. Разочаран сум бидејќи можевме и до подобар резултат,против еден силен ривал. На вакви мечеви се гледа квалитетот, се оди напред…. а по едно вакво издание во клучните моменти сега чувствувам како да стоиме во место, што искрено не ми се допаѓа. Игравме со квалитетен ривал, но премногу го почитувавме… почнавме бавно, штом се најдовме во голема негатива и почнавме да играме без притисок, веднаш се вративме резултатски. Тоа покажува дека можеме да играме, да се надигруваме со вакви екипи. Но, зошто паѓаме во клучните моменти, при пенали и зицери, тоа е веќе очигледно тема за една подлабока анализа“, истакна Кире Лазаров.

Се вчитува...