Кире Лазаров одигра одличен натпревар за Нант против ПСЖ, но неговиот тим сепак во драматична завршница загуби од актуелниот првак на Франција со минимални 35-34. Така, селекторот Раул Гонзалес се радуваше на победата над капитенот на нашата репрезентација, со што „светците“ останаа со максимален ефект по четири кола во Лигата на шампионите.
Во меч во кој голманите немаа свој ден ПСЖ имаше предност од шест гола во првото полувреме (15-9), но Лазаров и соиграчите успеаја да се вратат и да намалат на 19-16 по триесет минути игра. „Светците“ го контролираа резултатот до самиот крај, Нант во неколку наврати успеваше да стигне до еден гол разлика, но не и да направи пресврт, па тимот на Раул Гонзалес заслужено стигна до победата.
Лазаров постигна шест гола од седум обиди, идентичен ефект како и неговиот тимски колега Валеро Ривера, додека најефикасни во таборот на ПСЖ беа Ремили со осум и Лука Карабатиќ со седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА