Лазаров: Рунар е сериозен ривал, и „плус еден“ би бил добра предност за реваншот во Норвешка

Екипата на Алкалоид викендов ќе го игра историското полуфинале од ЕХФ Европскиот куп, во првиот дуел од двомечот избраниците на Кире Лазаров го пречекуваат норвешкиот претставник Рунар Сандефјорд (недела, 19 часот), желни да продолжат да испишуваат историја и да обезбедат пласман во едно европски финале.

Алкалоид во минатото коло го елиминираше романскиот претставник Баја Маре, но Сандефјорд со елиминацијата на грчки Олимпијакос јасно стави до знаење дека е сериозен тим што може да победи секого во ЕХФ Европскиот куп. Токму поради тоа, тренерот Кире Лазаров е свесен дека неговите избраници ќе мора да одиграат најдобро што знаат, без осцилации во текот на сите 60 минути ако сакаат да стигнат до посакуваниот резултат и со предност да отпатуваат на реваншот во Норвешка што ќе биде на програмата следниот викенд.

„Пред нас е тежок натпревар против ривал, во изминатиот период имавме тешки натпревари со силни ривали во нашиот плејоф, но паралелно со тоа и го анализиравме тимот на Рунар. Се работи за сериозна екипа со скандинавски стил на игра, нешто што во минатото не ни одговарало. Рунар на патот до ова полуфинале беше подобар од Целје, Олимпијакос и Бешикташ, клубови кои инвестираат сериозно, но потклекнаа пред тимот од Норвешка, што покажува дека Рунар е сериозен состав и дека ќе ни биде многу тешко. Успех е да се биде во полуфинале во било кое европско натпреварување, особено со македонски играчи. Секако дека го анализиравме противникот, но за нас во Алкалоид приоритет е ние да напредуваме од натпревар во натпревар, како во нападот, така и во одбраната. Рунар инсистира на страшен ритам, најчесто постигнува и над 35 гола, така што нема да ни биде лесно. Тоа е екипа со комплетен систем, не можам да издвојам некој лидер бидејќи голем број играчи се подеднакво опасни по противничкиот гол. Ние мораме да сме фокусирани на нас самите, иако немаме премногу време бидејќи денеска играчите ќе добијат слободен ден по победата над Охрид, па ќе ни останат само два дена за тактички да се подготвиме за следниот дуел. Како тренер би бил задоволен да имаме било каква позитива, макар и со еден гол, тоа би била наша значителна психолошка предност за реваншот. Колку и да победите на првиот дуел, морате да го одиграте и вториот меч на највисоко ниво за да стигнете до финале“, изјави Лазаров.

Се вчитува...