Лазаров: Сабота ќе биде ден за европски пехар за Алкалоид…

Ракометарите на Алкалоид викендов (сабота, 19.30 часот) го играат реваншот од квалификациите за влез во Лигата на Европа на ЕХФ. За жал, „сино-белите“ ја имаа најтешката можна ждрепка, за противник го добија бундеслигашот Хановер од кого загубија со десет гола разлика на првиот дуел во Германија.

Огромната негатива значи и речиси сигурна елиминација на македонскиот тим од европските купови за оваа сезона, но тренерот Кире Лазаров ќе инсистира на максимално залагање од своите избраници во текот на сите 60 минути. Алкалоид и покрај убедливиот пораз парираше солидно во големи делови од првиот меч, а конечниот исход се должи пред се на бројните промашени зицери на македонскиот тим (пет нереализирани седмерци), а Лазаров очекува неговиот тим да се претстави во далеку подобро светло на саботниот реванш.

„Пред нас е реваншот против Хановер, германски тим кој како што и самите знаете минатата сезона беше лидер во најсилната лига во светот цели осум месеци, а сезонава е уште повеќе засилен во играчкиот кадар. Мене ми е искрено жал што загубивме со нереални десет гола разлика во однос на случувањата на теренот. Жал ми е бидејќи в сабота ќе биде убав ден – еден македонски тим базиран на македонски играчи ќе го крене пехарот во едно европско натпреварување. Нема да биде убаво чувството со минус десет од Германија да кренеме европски пехар, но имало и почудни ситуации. Што се однесува до самиот меч, ќе се обидеме најдостоинствено да го претставиме нашиот македонски ракомет, да одиграме квалитетно…. им кажав на играчите мора да се остави срцето на терен, поради нас, поради клубот, навивачите, поради целата македонска јавност. Мислам дека со играта во Хановер заслуживме подобар резултат, штета што македонската јавност не беше во можност да го види тоа на дело, дека не изгледавме воопшто така лошо колку што прикажува конечниот резултат“, изјави Кире Лазаров.

Се вчитува...