Алкалоид со едната нога веќе се наоѓа во четвртфиналето од ЕХФ Европскиот куп откако македонскиот претставник славеше со убедливи 22-34 на гостувањето против Бриксен.
Сепак, тренерот Кире Лазаров е дециден на ставот дека мора да се одигра максимално и на саботниот реванш против ривалот од Италија, се со цел уште повеќе да се зголеми самодовербата пред наредниот дерби дуел од македонската Супер-лига, пресметката со Пелистер во Битола што е закажана за понеделник.
„За мене е малку неочекувано во овој период од годината, забележавме висока и убедлива победа против еден квалитетен противник. Знаеме дека италијанскиот ракомет е во подем, ние посакувавме победа, но не очекувавме дека ќе славиме така убедливо. Резултатот од тој прв меч, се одлепивме во последните минути, знаеме дека Бриксен има квалитет и сигурно нема да го потцениме. Момците одиграа одлично, очекувам исто така добро издание и наша победа, тоа е најважно, поради рејтингот на Алкалоид како клуб и на мкедонскиот ракомет. Во фокусот ни е само Бриксен и овој меч, распоредот е таков каков што, знаеме дека два дена потоа ни следи тој дерби дуел со Пелистер и ние ги прифаќаме пропозициите и закажаниот термин. Мислам дека не треба предвреме да правиме планови за Пелистер, да, со мислите ќе бидеме во Битола, но сакаме најпрвин да си ја завршиме работата. Ќе почнеме со најдобриот состав, а потоа во зависност од резултатот ќе видиме како ќе се одвиваат работита“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

