Кадетската ракометна репрезентација на Македонија го поправи впечатокот од поразот од Грција и со победа од 30-25 над Полска го осигура своето место во полуфиналето од ЕХФ-шампионатот што се одржува во Скопје.
За противник таму избраниците на Лазаров ќе го имаат победникот од мечот помеѓу БиХ и Швајцарија.
По натпреварот селекторот Кирил Лазаров не го криеше задоволството од прикажаното на денешниот меч.
„Денеска одигравме многу подобар меч отколку пред два дена. Се изборивме со притисокот што сами си го наметнавме и се пласиравме во посакуваното полуфинале, а сега одиме на тоа да го освоиме Шампионатот. Денеска успеавме да реализираме голем дел, 70-80 насто од тоа што се договаравме. Имавме и на овој меч доста нереализирани чисти ситуации. Навистина не знам на што се должи тоа, веројатно е псхолошки момент. Ние навистина се обидуваме да ги ослободиме од притисок момците. Пред натпреварот им кажав дека и да загубиме, не е крај, дека ќе продолжиме напред, со главите горе. Ако сакаме да изградиме тим, мораме да бидеме и трпеливи, но и за нив е подобро ако тимот го градиме преку учества на светски и европски првенства“, изјави селекторот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА