Алкалоид ќе ја има улогата на фаворит на утрешниот меч од ЕХФ Европскиот куп во кој освојувачот на Купот на Македонија за противник ќе ја има екипата на Драгунас Клаипеда од Литванија.
Од таборот на „сино-белите“ најавуваат дека нема да го потценат противникот, но квалитетот и моментната форма се на страна на тимот предводен од Кире Лазаров, кој не знае за пораз од самиот почеток на оваа натпреварувачка сезона.
Лазаров сепак искусно не дозволува Алкалоид да летне во облаци, туку порачува дека утрешниот меч може да се добие само со максимална фокусираност во текот на сите 60 минути.
„Се наоѓаме пред еден нов предизвик, во ЕХФ Европскиот куп. Имаме еден противник кој можеби е неатрактивен, но затоа е доста опасен. Тоа е една незгодна ракометна школа, оваа година зедоа и шпански тренер, така што од материјалите што ги имаме се гледна нивниот напредок. Споредувајќи ги нивните средби од ланската и од оваа сезона, Литванците се подобри за околу 30-35%. Затоа сум многу внимателен во најавите, системот е дома-гости, не е групна фаза и мораме да бидеме многу претпазливи. Од она што го имаме како информации, тие постигнуваат над 40 гола на натпреварите во домашното првенство, играат во силен ритам, знаете дека не е лесно да се дадат 40 гола на меч без оглед на противникот што го имаш од спротивната страна. Можам да ветам дека нема да го потцениме во ниту еден момент овој противник, очекувам квалитетен меч, убав ракомет за око и ги повикувам нашите навивачи да дојдат и да го поддржат овој млад и македонски тим. Ние нема да бркаме некаква конкретна гол-разлика, сакаме да победиме, секој триумф ќе биде драгоцен пред реваншот во Литванија. Се прави некоја атмосфера дека веќе сме го минале овој противник, но не треба да е така, нема да ни биде толку лесно ако не одиграме најдобро што знаеме. Не бегаме од фаворитската улога, но ќе мораме да го дадеме максимумот за да ја оправдаме, знам дека нема да биде лесно во првите петнаесетина минути, на овие први натпревари во европските купови никогаш не е лесно“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА