Кире Лазаров од натпревар во натпревар остава се посилен печат врз играта на Нант, па се очекува македонскиот ас да продолжи во ист стил и за претстојното гостување во Лигата на шампионите, во кое „леворакиот бомбардер“ за ривал ќе го има својот поранешен клуб Барселона. Лазаров летово ја напушти Барса и потпиша договор со Нант, а сега веќе во четвртото коло од Лигата на шампионите ќе има можност за камбек во каталонската престолнина.
„Секако дека ќе биде посебен меч за мене, во Барса минав четири сезони и со себе носам само убави спомени. Ќе играм против луѓе кои ми се многу добри пријатели и ќе ми биде задоволство да се сретнам со нив по натпреварот. Сепак, ќе морам да ги останам чувствата настрана и да сторам се за да му помогнам на својот тим. Веќе покажавме дека можеме да се носиме со големите европски клубови како Вардар и Некар Левен, сакаме тоа да го докажеме и претстојниот викенд против Барселона“ – истакнува Лазаров.
Тој уште еднаш потенцира дека е убеден дека го донел вистинскиот избор откако по одлуката за заминување од Барселона, од многуте понуди ја избрал токму онаа на Нант.
„Како што веќе реков, по седумте години во Шпанија ми беше потребен нов предизвик во кариерата. Имав многу понуди, ја видов онаа од Нант и си реков, зошто да не. Од сегашна перспектива, знам дека не погрешив бидејќи дојдов во тим со добри ракометари и одличен стручен штаб. Кога ќе се дојде во нова екипа, нормално е да се работи напорно секој ден и да се биде трпелив“ – вели македонскиот ас.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА