Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров во видео-интервјуто за Balkanhandball.com, најави декаво Нант ќе ја заврши кариерата, но дефинитивно ќе остане во ракометот. Тој оптимистички најавува дека Македонија има светла ракометна иднина, голем потенцијал стабилна Федерација и добро поставена база. Но, и еден константен проблем со кој се соочуваме постојано – клупскиот ангажман на селекторите и загубениот приоритет. Но, капитенот верува во новата генерација што доаѓа и дека неминовната смена на генерации ќе биде без посериозни потреси.
„Без секого се може, па и без мене иако можеби во некој момент ќе и требам на репрезентацијата малку подолого време. Ние сите заедно на чело со нашиот претседател Живко Мукаетов, направивме добра база. Луѓето сакат веднаш да се видат резултатите, сакаат медали, но до медал не се стигнува така лесно и некогаш е можеби е и послатко да дојде подоцна тоа што го очекуваш„ – вели Кире Лазаров во интервјуто за Balkanhandball.
Сигурноста според најдобриот македонски ракометар е во базата и во стабилноста на РФМ на чело со претседтаелот Живко Мукаетов.
„Во Македонија 4-5 години се работи многу добро во РФМ и за тоа има аргументи. Ние ги имаме Талески и Кузмановски во генерацијата ’96, имаме добра генерација ’98 со повеќе добри играчи, имаме одлична генерација 2000, кадети што ќе играат на СП во Македонија и од нив очекуваме многу. Серафимов личи на мене, ме копира…но ќе треба со него уште да учиме. Тое а добра генерација од која очекуваме многу. Сега се формира и генерацијата 2002 со многу добри момци…Тоа се четири генерации и кога на овие ќе ги додадеме Дејан Манасков, Мартин Поповски…може да се направи добра репрезентација која за некое време ќе биде рамо до рамо со најголемите. Ако се работи правилно со ваква сериозна Федерација, нема зима за нашиот ракомет во иднина“ – истакнува Лазаров.
Фокусот на националната селекција е она што треба секогаш да биде на прво место и што гарантира иднина за спортот, бидејќи као што вели клубовите блеснуваат и згаснуваат, но репрезентацијата е таа што ја обединува нацијата.
„Националната стратегија треба да се се базира на националната репрезентација. Националната селекција и клупскиот ракомет не е исто. Ете, Вардар беше европски шампион, беше горда цела Македонија, секоја чест на Сергеј Самсоненко…Меѓутоа , тоа се Комити, Скопје и уште по некој од провинција. Но, на Битола на пример, не и е драго што е Вардар шампион. А, кога игра македонската репрезентација е сосема друга работа. Кога ќе победиме се обединува цела Македонија, тогаш сме сите заедно, се чувствува таа емоција и енергија. Ако имаме добра репрезентација ќе имаме и македонски ракомет. Оти видете што се случува сега со Вардар, или што се случи со Металург. Тие се уште се држат, но тоа веќе не е тоа. Базата, спортската стратегија во државата треба да се базира на националната селекција. Ако има репрезентација, ќе има и клупски ракомет, ќе има и добро првенство“ – вели македонскиот капитен.
Лазаров потсетива и на една епизода кога Вардар ја освои титулата во ЛШ…
„Јас еднаш кога Вардар стана шампион, реков добро, ви честитам, меѓутоа, националната селекција секогаш треба да биде број еден, повеќе да се вложува, да се работи и се тоа да биде на врвно ниво. Тие ми рекоа дека сум љубоморен! Не сум љубоморен, само сум објективен и реален. И затоа велам, секоја чест на Мукаетов кој и покрај опструкциите кои се прават и му се наметнува дека треба резултат, тој направи многу. Додека го имаме него на чело, македонскиот ракомет може да оди само нагоре. Кога ќе го изгубиме него, ние ќе се вратиме 10 години назад. Ако го изгубиме Мукаетов ќе изгуби и македонскиот ракомет и македонскиот спорт. Тоа ми е јасно као ден“ – потенцира Кире Лазаров.
Македонија во јануари ја очекува настапот на СП во Германија и во Данска, на кое според капитенот прва цел е да се помине групата. Но, и опасноста од старата болка – клупскиот ангажман на селекторите.
„Не знам кој како ќе ме сфати, но нас секогаш ни се случува истата работа и тоа не ми се допаѓа. Во 2012 година одигравме екстра на ЕП во Србија и потоа дојдоа олимписките квалификации за Лондон. Наш селектор тогаш беше Звонко Шундовски. И откако го одработевме добро првенството тогаш доаѓа понуда за селекторот од Констанца и тој ја прифаќа и така македонската репрезентација доаѓа на второ место. Не велам дека заради тоа загубивме, но факт е дека загубивме во тие квалификации. Не може во исто време да се води успешно и клуб и репрезентација колку и да е тренерот интелигентен, добар и наоѓа време – не може тоа“
Слична ситуација и ново олимписко разочарување Македонија доживеа и во 2016 година во квалификациите за ОИ во Рио.
„Потоа одигравме добро СП во Катар во 2015 и се пласиравме во олимписките квалификации за Рио со Обрван. И откако го одработевме добро СП, нашиот селектор добива понуда од Шамбери од Франција. Тој ја прифаќа понудата од Шамбери и ние губиме во олимписките квалификации за Рио. Тој веќе го води Шамбери и тогаш македонската репрезентација веќе не е во прв план, туку во втор“
Опасноста на македонската репрезентација да и се повтори истата ситуација има и сега откако актуелниот селектор Раул Гонзлаес стана тренер на ПСЖ…
„Сега се случува истата работа, влегуваме во ист проблем и со Раул. Пред да ја освои титулата со Вардар, Раул стана селектор на Македонија. Во тој период ние одигравме два добри натпревари со Исланд, па после одигравме добро и на ЕП во Хрватска во првиот круг…И во тој период доаѓа понуда од ПСЖ и Раул го напушта Врадар и го презема ПСЖ. Сега е прашање дали нашиот селектор кој го сакаме, го почитуваме и знаеме дека е еден од најдобрите тренери, ќе има време и што ќе му биде приоритет во работата – Македонија или ПСЖ. Ние сме постојано во ист проблем“ – вели Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА