Македонските ракометари се подготвени повторно да го остават срцето на терен во обид да стигнат и до трет триумф на овој мундијал. Задачата ќе биде потешка од претходните две со оглед на фактот дека за противник ќе ја имаат Словенија, селекција што важи за фаворит и што воедно ја елиминираше Македонија во осминафиналето од последниот мундијал, одржан во Катар.
„И двете селекции се променети играчки во однос на таа средба, така што не можам да кажам што треба да промениме и дали сме подобри или не од пред две години. Она што е јасно е дека Словенија е силна репрезентација, но на крајот се ќе зависи од нас самите и од начинот на кој ние ќе влеземе во оваа средба и ќе ги одиграме тие 60 минути. Противникот е квалитетен, има во своите редови физички „ситни“ играчи кои се фантастични техничари, така што ни е јасно дека нема да биде нималку лесно“ – изјави капитенот Кире Лазаров.
Македонија за сигурен пласман во осминафиналето на преостанатите три средби ќе треба да освои само еден бод, барем на „хартија“ најголеми шанси за такво нешто ќе имаме против Исланд, но Лазаров е дециден дека нема да има никакви калкулации.
„Со Исланд играме последни, но тоа е најмалку важно бидејќи ние ќе одиме на победа на сите три средби. Едно треба да е јасно, ние нема да калкулираме бидејќи кога ни се слувало да правиме слични пресметки не излегувало добро за нас. Затоа, одиме на победа и против Словенија, и после против Шпанија и Исланд, се со цел да собереме колку можеме повеќе бодови и да продолжиме со серијата добри игри на овој мундијал“ – истакнува Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА