Кире Лазаров е на добар пат да заигра на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите и со тимот на Нант, откако францускиот тим славеше убедлива победа против Скјерн со 33-27 и практично веќе го обезбеди својот деби настап во завршницата на ЛШ во Келн што треба официјално да го потврди на реваншот во Данска. Доколку Нант успее во тоа, за македонскиот капитен тоа ќе биде четврти различен клуб со кој што играл на завршниот турнир во ЛШ. Лазаров прв пат настапи на Ф4 во Келн со тимот на Сиудад Реал, потоа играше и со Атлетико Мадрид и со Барселона со која ја освои и единствената шампионска титула во 2015 година.
На денешниот прв четвртфинален меч, Нант потврди дека е апсолутен фаворит во дуелот со Скјерн. Дамскиот тим во првите минути одржуваше 1-2 гола предност, но потоа Нант комплетно ја презеде инцијативата. Избраниците на Тиери Анти направија серија од 6-0 и поведоа со 10-5, а првото полувреме го завршија со предност од 18-12. Остатокот од натпреварот беше само рутина во која францускиот тим ја потврди својата надмоќност. По убедливата победа во Нант, рутина би требало да биде и реваншот во Скјерн на 29 април.
Лазаров го заврши вечерашниот дуел со три погодоци од шест обиди, а најефикасен во составот на Нант беше Шпанецот Давид Балагуер со осум гола. Маркус Олсон со шест гола беше најефикасен во составот на Скјерн.
Резултати, четвртфинале ЛШ:
Фленсбург – Монпелје 28-28
Киелце – ПСЖ 28-34
Кил – Вардар 28-29
Нант – Скјерн 33-27
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА