Кире Лазаров со тимот на Нант обезбеди пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако францускиот тим и во реваншот на домашен терен одигра нерешено со Мешков Брест 28-28. Но, Нант славеше убедлива победа и на првиот меч во Белорусија (24-32) и благодарение на тој триумф го продолжува настапот во завршницата од ЛШ.
Следен противник на Нант во последниот филтер пред Ф4, ќе му биде данскиот Скјерн кој сензационално го елиминира Веспрем.
По триумфот во Брест, Нант во реваншот ја потврди фаворитската улога. Белорускиот шампион во првите минути од натпреварот одржуваше 1-2 гола предност, но потоа Нант постигна четири гола во серија поведе со 11-9. Сепак, кратко траеше доминацијата на домаќините. Мешков Брест возврати со серија од 5-0 и на крајот од полувремето имаше предност од 14-17.
Мешков Брест фуриозно го почна и второто полувреме и по пет минути игра ја зголеми предноста на 16-20. Со четири гола предност, белорускиот тим влезе и во последнаат четвртина од натпреварот кога по успешната серија на Раде Мијатовиќ на голот, имаше водство од 20-24. Нант се разбуди во завршниот дел и намали на гол разлика 23-24. На пет минути пред домаќините изендачија на 27-27, а потоа и го презедоа водството. На крај мечот сепак, заврши без победник (28-28), а францускиот тим го прослави пласманот во следната фаза од ЛШ.
Кире Лазаров го заврши мечот со два погодоци од пет обиди, а најефикасни во составот на Нант беа Никола Турна со шест и Едуардо Гурбиндо со пет гола. Кај Мешков Брест најефикасен беше Вјачеслау Шумак со седум гола.
Нант е третиот француски тим во годинашното четвртфинале во ЛШ, во кое ПСЖ имаше директен пласман, а Монпелје влезе во Топ 8 елиминирајќи ја Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА