По разочарувачкиот пораз од Шамбери во францускиот шампионат, Нант успеа да се врати во победнички ритам и стигна до третата победа во групната фаза од Лигата на шампионите. Францускиот тим во чиј состав е македонскиот капитен, Кире Лазаров славеше гостинска победа против Висла Плоцк со 30-32, во рамките на 6.коло во групата А од Лигата на шампионите. Во натпревар со многу пресврти и драматична завршница, францускиот тим беше подобар во финишот и ги однесе бодовите.
Нант го доби првото полувреме со 13-16 и беше во водство во поголемиот дел од второто полувреме, домаќините во завршните пет минути дојдоа на 29-29, но не ја искористија шансата да направат комплетен пресврт.
Кире Лазаров постигна еден гол од два обиди, а најефикасен во триумфот на Нант беше Давид Балагер со девет погодоци. Хрватските ракометари, Ловро Михиќ и Шиме Ивиќ со по пет гола беа најефикасни во нападот на Висла Плоцк.
По комплетирањето на 6.коло, во групата А, во водство е Вардар со 11 бода, на второто место е Рајн Некар Левен со 11, а трета е Барселона со девет бода. По нив следуваат ПИК Сегед и Нант со по седум, ППД Загреб со два и Висла Плоцк и Кристијанштад со по еден бод.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА