Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров со денешниот собир на стартот од подготовките за квалификацискиот двомеч за пласман на ЕП со Данска официјално ја почувствува селекторската функција.
„Ова е деби за мене како селектор на Македонија, и сигурно огромен предизвик. Но фокусот сигурно нема и не сакам да биде на мене, затоа што ни доаѓа двократниот светски шампион и олимписки шампион, селекцијата на Данска ни доаѓа, против која сакаме да се претставиме во едно ново лице. Кажав и претходно дека целта е да имаме на терен една модерна Македонија. Македонската публика не можеш да ја излажеш, ги знаеме недостатоците на тимот и мора да се корегираат. Ќе има промена на генерации, но мора да мислиме и на резултати и да продолжиме со континуитет на големите натпреварувања“ – истакна Лазаров пред македонските медиуми, притоа дополнувајќи:
„Некомплетни сме, но очекувам во понеделник да се комплетира репрезентацијата. Имаме време да се подготвиме, затоа што и мечот е преместен за во четврток. Овие два дена ќе ги искористиме со домашните играчи и со нив ќе имаме повеќе време да работиме“.
Како што е познато Лазаров на почетокот од селекторскиот ангажман ќе биде и играч…
„Ако искрено зборувам тогаш би бил пресреќен ако не играм, па да градиме тим на младите. Но, со оглед на нашите краткорочни цели мора да се проценува кога да бидам, а кога не на терен. Подготвен сум на се. Подготвен сум затоа што и изминатите десет години секогаш бев еден вид десна рака на селекторите. Посакувам и верувам да го реализираме зацртаното“ – истакна Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА