Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров, од следната сезона се сели во Франција и ќе го носи дресот на Нант. Тоа ја раздвижи ракометната клупска сцена во земјата на светските шампиони, па почнаа и споредби, претпоставки, дали Нант би можел да му парира на моќниот Пари Сен Жермен. Таму лидер на тимот е најдобриот светски ракометар, Никола Карабатиќ, кој до неодамна беше соиграч на Кире Лазаров во Барселона. Французинот одлучи побрзо да се врати во шампионатот на оваа земја, а сега ќе му се придружи и Лазаров.
Највлијателниот француски спортски дневник „Л’Екип“ ја објави годишната плата на Кире Лазаров во Нант, и како што тврди, таа изнесува 180.000 евра. Колку за споредба, таа е дури шест пати помала од годишната заработка на Никола Карабатиќ во редовите на ПСЖ. Французинот годишно инкасира 1,1 милиони евра. Втор според заработувачката е Микел Хансен (800.000 евра годишно), а потоа следуваат неколкумина членови на ПСЖ кои заработуваат по 600.000 евра по сезона. Тоа се Тиери Омејер, Даниел Нарсис и Лук Абало.
Паралелата е дека барем според вложувањата, и буџетот на тимот, ПСЖ е далеку напред. Но, како што најави Кире Лазаров во неговата последна изјава за француските медиуми, ракометот не го игра само поради висината на платата, туку и поради титулите што може да ги освои. А Нант секако ќе биде нов голем предизвик за македонскиот капитен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА