Селекторот Кире Лазаров е задоволен од текот на подготовките на десетина дена пред официјалниот старт на ЕП 2026 и премиерниот дуел со селекцијата на Данска закажан за 16 јануари.
Македонија ќе тренира уште неколку дена во Скопје по што нашата експедиција ќе замине на турнир во Швајцарија, од каде директно ќе патува за Данска.
„Со оглед на здравствената ситуација кај одредени ракометари, не треба да брзаме со конечниот список на патници на Европското првенство. Треба да почекаме да поминат уште овие два-три дена и потоа ќе се одлучи кои ракометари ќе настапат на шампионатот. Уште пред подолго време со федерацијата донесовме одлука за Данска да патуваат деветнаесет ракометари, бројка која што ќе биде доволна. Задоволен сум од досегашниот тек на подготовките, имаме позитивна атмосфера во тимот. Пред настапот на ЕП ќе одиграме три контролни средби кои ќе ни послужат за подигнување на формата, затоа што имаме играчи кои што имаат помала минутажа во своите клубови“, рече Лазаров.
Она што според македонскиот селектор е клучно – да се создаде силен колектив бидејќи нашата селекција реално нема премногу поединци што би можеле самите да го понесат товарот на едно големо натпреварување.
„Бидејќи ние сме Македонија, мала земја, изборот на играчите можеби е најмал од сите селекции кои што ќе играат на ЕП. Треба да створиме добар колектив, добар систем што ќе функционира и слабостите квалитетно да ги покриеме. Се обидуваме да направиме добра хемија, да функционираме како тим и да живееме за тие предизвици. Ракометарите се во право кога велат дека е чест, светост и гордост да се носи националниот дрес. И ако така се чувствуваат сигурно дека ќе биде добро. Ние немаме голем број на поединци кои што ќе можат да изнесат еден ваков вид на турнир и треба да функционираме како тим. Бидејќи бевме поканети од Швајцарија да настапиме на овој турнир, не бевме во можност да ги бираме противниците, но сигурен сум дека не чекаат квалитетни тестови пред ЕП“, потенцира Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

