Лазаров: Талески не задоволи со игрите во последно време, сакам да ги видам другите голмани кога Митревски не е тука…

Кире Лазаров денеска ја имаше првата прозивка во сениорската репрезентација на стартот од квалификациите за ЕП 2026 и дуелите со Естонија и со Литванија.

Главно изненадување беше изоставувањето на Филип Талески од скратениот список, како и преселбата на искусниот голман Никола Митревски меѓу резервите.

„Пред се сакам да ставам до знаење дека ниту еден играч не е избришан засекогаш и во иднина јас повторно ќе сметам на сите. Во случајот на Филип Талески, тој добиваше многу шанси во изминатиот период, мое мислење е дека на последните големи натпреварувања не беше на посакуваното ниво и затоа решивме да се обидеме со поинакви опции, со Павле Атанасијевиќ во бековската линија. Тоа е моментна одлука и не значи дека вратата на Талески е затворена засекогаш“, изјави Лазаров.

Во случајот на Митревски, Лазаров имаше поразлично  објаснување за отсуството на голманот кој долги години е прв чувар на мрежата на националниот тим.

„Ние сме во процес на подмладување на репрезентацијата што трае подолго време и треба да го користиме секој момент за овие млади играчи, кои сега играат и значајни натпревари за своите тимови, да добиваат шанса. Искрено, сакав да ги видам на дело другите голмани, на еден собир, низ тренинзи и натпревари, да видам како ќе делуваат и функционираат кога за грб ќе немаат еден врвен чувар на мрежата како што е Митревски. Пред нас се две средби со Естонија и Литванија, не бегаме од фаворитската улога, но исто така и ги почитуваме противниците и свесни сме дека почетоците на секој нов квалификациски циклус знаат да бидат незгодни. Затоа, мораме да бидеме максимално фокусирани и да одиграме најдобро што знаеме и со Естонија и на гостувањето во Литванија, кое нема да биде нималку лесно“, истакна македонскиот селектор.

Се вчитува...