Лазаров: Тестот со Австрија ќе ни биде добра подготовка за баражот

Македонската ракометна репрезентација ја очекува пријателски натпревар против Австрија на гостински терен во Брегенц на 21. март од 18:00 часот. Ова ќе биде „филтер“ пред баражот за пласман на Светското првенство идната година со победникот од дуелот помеѓу Украина и Словачка.

Селекторот Кирил Лазаров напомена дека тестот со Австрија ќе биде добра подготвка за неговите избраници, и на овој натпревар ќе се пробуваат некои нови ракометари и нови варијанти, а исто така и резултатот ќе биде важен.

„По квалитетниот настап на ЕП, ќе имаме шанса малку порелаксирано нешто да направиме, она што го имаме како база да го надоградиме, и да пробаме некои играчи кои во иднина би можеле да придонесат во репрезентацијата. Играме против еден квалитетен и сериозен противник. Резултатски секако дека не сакаме да загубиме, нормално сакаме да победиме, но нема да биде во прв план резултатот. Ќе видиме некои работи кои би можеле да ги искористиме во баражот во мај, и најважно е добро да се подготвиме. Репрезентацијата во секој момент мора да проба некој играч, за да видиме дали ќе може да го користиме во иднина на големи натпреварување со силни противници, и да видиме каква е моменталната состојба. Во секој случај ќе одиграме еден добар натпревар на гостински терен, затоа што првиот бараж ќе ни биде на гости“, изјави Лазаров.

Тој смета дека Австрија е селекција по мерка, и дека оваа селекција знаела да им прави проблеми и на многу посилни репрезентации од нашата.

„Австрија на многу посилни репрезентации од нас им направи проблеми и на ЕП, и на минатото СП. Одиграа добро против Германија и Србија“, рече Лазаров.

За баражот, тој истакна дека било која селекција и да игра против Македонија, нема да биде лесен двомеч.

„Украина во тој меч можеби на хартија е мал фаворит, но до последен момент нема да го знаеме победникот. Но, мислам дека кој и да падне, нема да ни биде лесно. Ќе бидеме во улога на фаворити, и во таа улога не сме научени. Тоа ќе ни биде еден дополнителен притисок, но имаме време добро да се подготвиме. Пред се посакувам да бидеме здрави, и ќе имаме време добро да се подготвиме“, заврши селекторот.

Се вчитува...