Последната фаза од подготовките за престојното Светско првенство, македонската ракометна репрезентација ќе ја одработи во Хрватска каде ја очекува пријателска средба со хрватската репрезентација која во четврток ќе биде одиграна во Вараждин.
Во изјава за хрватските медиуми, селекторот Кирил Лазаров се потсети на 2009 и 2018 година кога Македонија играше во овој хрватски град додавајќи дека очекува нова голема поддршка од македонските навивачи, но и од Хрватите во Варждин.
„Имаме многу позитивни искуства од 2009 и 2018 година. Очекуваме дека пак ќе дојдат многу наши навивачи во голем број, а ќе се обидеме да ги освоиме симпатиите и на Хрватите во Вараждин и да бидат наш осми играч. Иако сме еден вид аутсајдери со помош на публиката да пробаме да ги изненадиме Унгарците и Холанѓаните, иако тоа во моментов не е реално.
Онаа наша најуспешна генерација замина во историјата. Сега градиме нова генерација, многу се измачивме да се пласираме на ова Светско првенство. Ни значи бидејќи можевме да играме тука во Хрватска која е близу“, вели Лазаров.
Лазаров се осврна и кон Хрватска и дуелите на Хрватите кои ги играат со гордост без разлика за кој спорт станува збор.
„Хрватска е го голема предност бидејќи е домаќин. Мене лично отсекогаш ми се допаѓала Хрватска, не само во ракомет туку и во фудбал, во сите спортови бидејќи вие кога играте за репрезентацијата играте со гордост, таа гордост ви дава два до три гола повеќе“, додаде македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА