Лазаров: Велат среќата треба да се заслужи, можеби…

ЕКИПА во Вараждин,

Стеван Цаневски

Македонската ракометна репрезентација ремизираше на дуелот со Австрија, во драматична завршница стигнувајќи до реми со голот што го постигна Филип Кузмановски.

Селекторот Лазаров го доби она што го посакуваше пред почетокот на СП 2025, максимална борба и фокусираност без поголеми осцилации во текот на сите 60 минути, но за жал повторно нашата добра партија не беше доволна за да се стигне до цел плен и триумф на овој мундијал.

„Уште еден меч со драматична завршница. Израмнивме со гол во последната секунда, но да не заборавиме дека имавме и нереализиран пенал на помалку од две минути до крајот, кој можеше да ни донесе предност, можеби и победа. Што е тука е, игравме против квалитетен ривал кој одигра многу добро во нападот седум на шест во второто полувреме. Тие се препознатливи со тој напад, создаваат проблеми и на гиганти како Франција, ние се обидовме со се, но не успеавме да ги неутрализираме. Можеби можевме да имаме и малку поголема помош од голманите, но што е тука е… Митревски имаше здравствени проблеми со температура, но собра сили да настапи и да ни помогне… Кизиќ беше одличен со Гвинеја… Одиме понатаму, знаеме дека со Катар ќе биде тешко бидејќи Вујо ќе знае да ги мотивира своите ракометари, ние ќе собереме сили за уште еден ваков квалитетен меч, секако се надеваме на радост на крајот“, изјави Лазаров.

Две неизвесни завршни со две нерешени средби за Македонија, по кои Лазаров не крие дека жали што не стигнавме до барем една победа.

„Можевме да победиме со Унгарија, можевме да победиме и денеска… Велат среќата се заслужува, можеби ние се уште не сме ја заслужиле, но со начинот на кој играме и на кој се бориме сигурно ќе се сврти во наша полза во иднина. Имаме одлична репрезентација, владее добра атмосфера меѓу момците и јас немам што да им замерам за залагањето, верувам дека ќе продолжиме со вакви изданија и против Катар“, истакна македонскиот селектор.

Се вчитува...