ЕКИПА во Дебрецин,
Стеван Цаневски
Ракометната репрезентација на Македонија доживеа несреќен пораз од Словенија (27-25) на стартот на Европското првенство 2022 во Унгарија и Словачка.
Селекторот Кире Лазаров ден по натпреварот вели дека иако владее задоволство, сепак не биле исполнети доста работи за кои се договорале пред мечот.
„Намерно не го гледав натпреварот пред да заспијам и добро направив. Изгледав утрово триесет минути. И покрај тоа што владее задоволство кај нас, многу работи по првото полувреме што ги договаравме не ги исполнивме, а пак бевме блиску. Вчера размислував да бидам благ со нашите репрезентативци. Сепак, морам да им укажам на грешките. Се договаравме да не ги понесат емоции и да бидат фокусирани на договорот и да го оставиме славењето за крај. Сепак, се работи за млада и неискусна екипа и едноставно треба да станат победници и тоа малку ме загрижува. На договорени работи паднавме. Сепак, оставивме позитивен доем кај јавноста и тоа ми се допаѓа, но од друга страна не сакам тоа да не успие. Сакам да бидеме уште подобри и да си дадеме задача да бидеме подобри против Црна Гора“,
За продолжение на шампионатот тој додава дека не го плаши ниту еден противник, бидејќи единствено што е важно е да ја играме нашата игра…
„Не ме плашат ниту Црна Гора ниту Данска. Едноставно не треба да се оптоваруваме со противниците туку да ја играме нашата игра. Од нас зависи дали ќе остваруваме добри резултати во иднина. Противниците ќе бидат се појаки и појаки бидејќи сите во Европа играат веќе квалитетен ракомет“, додава Лазаров.
За следниот противник, Црна Гора вели поради целата ситуација со корона се се менува од ден за ден, но смета дека како колектив сме подобар тим од нив.
„Не сакам да ја потценам во ниту еден случај Црна Гора. Има таму индивидуалци подобри од нашата репрезентација, но како колектив сме подобри. Не сакам да ги отворам картите. Дополнително ќе ги анализираме. Никогаш не се знае. Вчера не требаше да играат Шеваљевиќ и Мишковиќ, но им беа во состав. Тие имаат позитивни, ние имаме позитивни. Се се менува од ден на ден и мора на тоа да се прилагодуваме“, заврши Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА