Кире Лазаров извонредно ги подготви своите ракометари за сите провокации и хаосот на трибините на првиот меч во Атина против АЕК.
Сега кога Алкалоид има четири гола предност, македонскиот стратег испрати и гласно барање до навивачите, да не подлегнуваат на провокациите од гостите, пред се од оние 200 грчки навивачи кои се најавени дека ќе дојдат во салата. Според него, фер атмосферата и спортското навивање ќе бидат значаен предуслов за на крајот сите заедно да се радуваме на првиот европски трофеј во клупската историја на Алкалоид.
„Позитивен сум, верувам во екипата и ќе пробаме да сториме се. Треба да бидеме спремни на секакви провокации, ќе имаме гостински навивачи. Мора да навиваме спортски да ја оставиме политиката на страна, нашиот одговор треба да биде освојување на титулата, не треба да подлегнуваме на провокации и слични политички работи. Треба да навиваме како што знаеме, најдобри сме во тоа во светот, имаме одлични навивачи кои ја сакаат Македонија, а ние фала богу во ростерот имаме 19 Македонци. Битката треба да ја добиеме на терен, тоа е најважно“, изјави Лазаров за МТВ пред денешниот натпревар.
Реваншот меѓу Алкалоид и АЕК се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

