Македонската ракометна репрезентација под водство на селекторот Кире Лазаров денеска го означи стартот на подготовките за квалификациските натпревари против Португалија за пласман на ЕП 2024.
На првиот собир, во однос на составот кој настапи на Светското првенство во Полска, сега ги нема искусните Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, но и Филип Талески кој дополнително поради лични причини доби ослободување од репрезентативните обврски.
Селекторот Лазаров објасни дека, во договор уште пред СП, ќе има свесно подмладување на репрезентативните редови поради што се изоставени Манасков и Георгиевски.
„Околу изоставањето на Дејан Манасков, после СП одлучив да им дадам шанса на помладите играчи, од типот на Цветан Кузманоски кој што е голем талент и Петар Атанасијевиќ, кој на СП на последните мечеви покажа дека располага со огромен потнцијал на кој што во иднина треба да се смета. Вратата на репрезентацијата секако секогаш за секого е отворена, а оваа одлука не е конечна. Но, треба да се знае дека за оваа репрезентација, за национална селекција треба да сакаш од срце да играш“ – истакна Лазаров и дополнува:
„Филип Талески ќе биде отсутен на овие два меча, во договор со РФМ и со мене, тој ќе го прескокне овој собир и ќе се приклучи на собирот на крајот на април против Луксембург и Турција. Што се однесува до Гоце Георгиевски ние се договоривме уште пред почетокот на СП, дека ќе им дадеме шанса на помладите. Тој дал многу за оваа репрезентација, и неговите последни натпревари ќе бидат против Турција и Луксембург. Тогаш достојно ќе се збогува од националниот дрес“.
Од репрезентацијата дефинитивно за дуелите со Португалија отпаднаа и Жарко Пешевски, Павле Атанасијевиќ како и Танкоски.
„Во последен момент откажа Павле Атанасијевиќ, кој што веќе подолго време не е во ростерот на Еурофарм Пелистер. Од клубот испратија официјално известување до РФМ дека Павле нема да биде во можност да настапува за репрезентацијата и исто така Танкоски и Пешевски отпаднаа поради повреди“ – вели Лазаров.
Македонија на 9. март во Скопје ја пречекува Португалија, а три дена подоцна го играме и гостинскиот натпревар во Порто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА