Македонската експедиција под водство на Кире Лазаров денеска патува за Германија, каде веќе од среда ќе почне со настап на европскиот шампионат, што нашите ракометари во групната фаза ќе го играат во Дизелдорф и во Берлин.
Селекторот Лазаров е задоволен од сработеното во подготвителниот период, во кој забележавме три победи (две над Грција и една над Црна Гора), средби кои послужија за воигрување на тактичките замисли на стручниот штаб.
„Можам да кажам дека сум задоволен како момците ги одработија подготовките за ова Европско првенство. Сработивме речиси се што имавме планирано со стручниот штаб. Инсистирав на повеќе пријателски натпревари за новите играчи да се воиграат што подобро пред ова ЕП. Секогаш има работи кои можат да изгледаат подобро, но покрај физичката подготовка и системот на игра, многу е важно и ментално да сте подготвени за еден ваков тип на натпреварување. Барам од момците само да го дадат својот максимум, т.т. нивото на борбеност да ни биде и повеќе од 100%. Кога играте со ваков тип на противници, единствено ако повеќе ја посакувате победата, со страст, верба, ентузијазам и борба можеби би ни се отворила било каква шанса за изненадување“, вели Лазаров.
Нашиот национален тим повеќе од една деценија е редовен учесник на големите натпреварувања, но аутсајдерската улога никогаш не била поголема од оваа 2024 година. Играњето без резултатски притисок може да придонесе да се види уште подобро издание на националниот тим.
„Она што им го повторувам е дека играчите треба да уживаат на ваков вид на натпреварувања како што се ЕП и СП. Треба да се задоволни, среќни што се тука, што се дел од елитата и да го даат својот максимум токму на овие големи натпреварувања. Нашиот менталитет ни наметнува притисок дека нешто мораме да направиме, тоа е во некој ситуации добро, но во некои и голема кочница. Она што е наша работа со стручниот штаб е да ги опуштиме ракометарите, да бидат свои на терен“.
Групата е добро позната, Македонија на 10 јануари го почнува настапот на ова ЕП против фаворитот за злато Франција, потоа на 14 јануари се среќаваме со Германија во Берлин, а два дена подоцна групната фаза ја завршуваме против Швајцарија.
„Секој наш противник е сам по себе квалитетен, но и различен според стилот на игра. Фокусирани сме на Франција, сакаме да одиграме добар натпревар со олимпискиот шампион. Потоа имаме четири дена да се подготвиме квалитетно за Германија. Не сакам да звучам нереално и оптимистично, но јас најискрено верувам во нашата селекција, дека ќе одиграме квалитетен ракомет. Би сакал наш заштитен знак да биде борбеноста и непоколебливоста. За успех во животот треба да го изодите и тешкиот пат, ние одиме по тој пат. Не е воопшто лесно, но нема да се предадеме“, порачува селекторот Лазаров.
За крај, кормиларот на националниот тим испраќа и порака до ракометарите, каква репрезентација сака да види на теренот на трите натпревари на овој европски шампионат.
„Имам високи амбиции, така сум се поставувал секогаш во животот. Работам за да направиме нешто квалитетно. Групата ни е екстремно тешка, дури и Швајцарија ја сметам за репрезентација на речиси исто ниво како и Германија, со оглед на ростерот што го има на ова ЕП. Ние ќе одиме натпревар по натпревар, познавајќи го нашиот меналитет верувам дека тоа е најдобриот избор. Сакам да видам една концентрирана, борбена и сплотена Македонија на терен. Ако тоа се случи, ќе бидам задоволен“, истакнува Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА