Алкалоид ги потврди очекувањата и се пласираше во следната фаза од ЕХФ Купот триумфирајќи во двомечот против литванскиот Драгунас Клаипеда. По триумфот во Скопје (42-31) избраниците на Кирил Лазаров триумфираа и на гостувањето кај балтичкиот претставник со 37-31.
Задоволството од победата не го криеше македонскиот стратег кој се осврна и кон малиот пад во концентрацијата, за кој вели дека е нормален во густиот распоред со кој се соочи скопскиот тим.
„Не е лесно да се победи било кој противник на гости, посебно во еден европски куп. Победата ја остваривме со стил, во 22. минута имавме девет разлика, потоа дојде до некое опуштање и се мачевме цел натпревар. Меѓутоа, сите овие работи се нови за нашите играчи, имам разбирање, треба да учиме од грешките. Победивме една квалитетна екипа која физички трча 60 минути и не е лесно да се подговиш за неа. Иако ова е прво европско коло, горд сум на она кое го направивме. Посебно во последните седум дена во кои имавме три средби кои доста бараа од нас.
Анализирајќи го противникот, првата средба беше потешка. Увидов дека се работи за квалитетен ривал кој знае што сака. Шпанскиот систем донел ред во овие четири до пет месеци, многумина ме гледаа како смешен кога кажав дека треба да се биде претпазлив. Влеговме дисциплинирано, успеавме да поставиме една добра залиха во Скопје која ни даде да спиеме мирно. Сакавме да победиме и на реваншот, тука ни беше полесно да играме, затоа што знаевме што не очекува.
Ни следи ждрепката од третото коло, имаме свои желби, за да имаме и поголеми шанси. Меѓутоа кој и да ни падне на ждрепката, нема ние да се си ставаме некаков товар. Важно ни е ние да одиме напред и нашиот систем да функционира. Нема да излеземе на терен со бело знаме, без разлика на името и на квалитетот на противникот“, изјави Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА