ЕКИПА во Солун,
Стеван Цаневски
Кире Лазаров е задоволен од изданието на македонската репрезентација на двомечот во Солун, особено откако нашите ракометари славеа на денешниот дуел со 22-23 по вчерашното реми со селекцијата на Грција.
Тестот на карактерот беше успешно минат, откако македонските ракометари одговорија максимално на предизвикот по серијата судиски одлуки во прилог на домаќинот, па со одличен финиш Македонија стигна до победа во Солун.
„Очекував вакви натпревари. Веќе кога се решивме противник да ни биде Грција и тоа на нивни терен, знаев дека нема да биде лесно знаејќи дека имаат добра селекција и дека многу напредуваат во изминатите три-четири години, против многу подобри репрезентации од нас даваа добар резултат. Мислам дека ова е големо искуство, беше пријателски натпревар, но самиот набој беше повеќе како официјален, малтене како бараж меч. За помладите играчи, оосбено оние кои се нови, ова е големо искуство да знаат да се носат во вакви тешки и тензични ситуации. Секогаш е убаво да се победи, и вчера ви кажав дека ќе одиме на победа. Жал ми е што не можевме да дадеме уште некој играч од типот на Кизиќ, но влогот со оглед на името на противникот беше поголем и знам дека и на целата македонска јавност и значи победа, макар и на пријателски натпревар против една Грција“, изјави Лазаров.
На два месеци до стартот на ЕП 2024 во Германија, македонскиот селектор е свесен дека претстои уште многу работа за играта да се крене на едно повисоко ниво.
„Имаме многу за поправање и во секој дел од нашата работа, особено од оние кои треба да бидат додадена вредност. Очекувам Кузмановски да добие минутажа во Вецлар бидејќи сами видовте дека доприносе доста, но тоа во еден грч. Исто така се надевам дека и Филип Талески ќе има исто така поголема минутажа. Како поминува времето гледам дека минутажата е многу важна во клубовите, особено во оние каде што се играат силни натпревари. Тоа ни е важно. За помладите е важно да стекнуваат искуство со тренанжен и квалитетен процес, како ракометно, така и физички за да можеме да бидеме конкурентни на тие големи натпреварувања бидејќи гледате како одат работите, како останатите репрезентации физички делуваат. Ние сме добра, атлетска репрезентација, која што може доста да трча, млада полетна, но има уште простор за напредок. Сакам да им честитам на момците. Видовте дека има добра атмосфера, борбена игра. Победата значеше многу. Тој национален набој треба да го имаме секогаш, да го негуваме тоа што малку го имаме, тоа е националниот бренд, а тоа е нашата репрезентација. Очекувања и амбиција треба да имаме, но мора да бидеме некогаш реални и да проценуваме реално. Добро се работи, се прават грешки, но да гледаме да ги исправаме заедно со аргументи, критиката, истата да биде аргументирана. Секој треба да знае да сослуша критика, сите ние учиме тука нема збор“, истакнува Кире Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА