ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Мразот е скршен, Македонија со два бода ќе влезе во денешниот натпревар против Чешка. Математиката е јасна, со победа се обезбедува пласман во следната рунда, со пораз ќе се компликува оваа битка (ќе мора да се брка победа над Австрија во последното коло), но никој во македонскиот табор не ни помислува на таков епилог. Капитенот Кире Лазаров е подготвен за нова лавовска битка, во која очекува Македонија да се прикаже во подобро светло отколку на првиот меч против Украина.
„Секој натпревар на големите натпреварувања е посебна приказна. За нас е најважно што го пробивме мразот со онаа победа над Украина, а очекувам сега да играме уште подобро на следните две средби. Од она што го видовме на првиот натпревар јасно е дека Чешка е квалитетен противник, но ние мораме да се фокусираме на нашата игра, да бидеме подобро и индивидуално и како колектив. Сакам да им се заблагодарам на навивачите за поддршката што ни ја даваат. Знаеме дека цела нација е со нас иако не минавме ниту ден подготовки во Македонија, но многу ни значи поддршката што ја чувствуваме. Беше прекрасно да се игра пред толку голем број Македонци во петокот, се надевам дека денеска ќе бидат во уште поголем број“, изјави Лазаров во пресрет на денешниот дуел.
Натпреварот меѓу Македонија и Чешка се игра попладнево со почеток во 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА