Шкендија зад себе остава историска година, најуспешна во историјата на клуб на меѓународната сцена, но и со историски успех за еден македонски клуб во историјата на независна Македонија.
Со пласманот во нокаут-фазата во Конференциската лига на УЕФА, за првпат еден клуб од Македонија обезбедува европска пролет, што без сомнение е огромен резултат и за црвено-црните од Тетово, но и за македонскиот фудбал.
Сосема очекувано, презадоволен од овие достигнувања, и од освоената шампионска титула изминатава година но и од настапите во Европа, е и првиот човек на Шкендија, сопственикот Лазим Дестани кој во своето обраќање до сите членови на тетовскиот клуб, но и до јавноста вели дека е горд на сите кои се дел од овој успех
„Ова е фантастичен успех за нашиот клуб, но и за целиот домашен фудбал кој Шкендија достоинствено и гордо го претставува на меѓународната сцена. Ова е европската Шкендија која ги стопли срцата на нашите неверојатни фанови, „Балистите“, но и на сите искрени љубители на фудбалот“ – вели Дестани и дополнува:
„Оваа година докажавме дека напорната работа, посветеноста, пожртвуваноста и постојаното поттикнување за успех не се лесен пат, но се неверојатно убаво и слатко патување во кое вреди да се ужива. По тој повод честитките одат до фудбалерите, стручниот штаб, администрацијата и управата на клубот за ова големо достигнување. Исто така, посебна заслуга за нашите прекрасни фанови, овој успех е и нивен. Сега е време за заслужен одмор, да се наполни батериите, за во 2026 година да се вратиме уште посилни, со обновена енергија, да го продолжиме патувањето и Шкендија да ја задржиме на највисоките пиедестали. Честитки Шкендија. Честитки до сите вас“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

