Хрватскиот тим Динамо Загреб, чиј член е македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, ќе презими во Европа, откако ја оствари клучната победа (3-1) над Трнава на „Максимир“. „Модрите“ со максимални 12 бода се на врвот на табелата во групата Д. Гојак го отвори резултатот во корист на Динамо Загреб, а пред одморот домаќинот стигна и до 2-0, и тоа со автоголот на Кадлец. Трнава намали преку Чантиришвили, но Орсиќ го постави конечниот епилог и го трасира патот за европска пролет на Динамо.
АЕК Ларнака, тимот на Иван Тричковски и Даниел Мојсов, одигра без голови на гостувањето во Бугарија против Лудогорец, но ги загуби сите шанси за пласман во нокаут фазата. Овој тим има само два бода. Тричковски беше стартер, а Мојсов остана на клупата за резерви.
Стефан Ристовски поради повреда не е во составот на Спортинг Лисабон, кој одолеа (0-0) на „Емирати“ против Арсенал. Овој меч ќе остане во сенка на сериозната повреда на напаѓачот на „топчиите“, Дани Велбек. Арсенал со 10 освоени бода веќе успеа да обезбеди пласман во наредната рунда од натпреварувањето.
Бетис и Милан одиграа 1-1. Ло Селсо го доведе Бетис во водство, а израмни Сусо. Олимпијакос убедливо го совлада Дуделанж со 5-1, а и Салцбург славеше со 2-5 на гости против Роезнборг.
Лига Европа, резултати: Арсенал – Спортинг Л. 0-0, Баер Леверкузен – Цирих 1-0, Бетис – Милан 1-1, Бордо – Зенит 1-1, Селтик – Лајпциг 2-1, Динамо Загреб – Трнава 3-1, Лудогорец – АЕК Ларнака 0-0, Олимпијакос – Дуделанж 5-1, Розенборг – Салцбург 2-5, Славија Прага – Копенхаген 0-0, Ворскла – Карабах 0-1.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА