ЛЕ: Манчестер Јунајтед гази кон 1/4 финале, Јувентус со „минималец“ со Фрајбург

Со убедлив триумф над Бетис, Манчестер Јунајтед си го отвори патот кон 1/4 финалето во Лигата на Европа. Тимот од Олд Трафорд после катастрофалните 7-0 од Ливерпул, се врати со победа во Европа, и со една нога е веќе во следната фаза.

Рашфорд уште во 6. минута донесе радост на „Олд Трафорд“, а Ајозе Перез со убав гол во 32. минута израмни. Ентони во 52. минута го врати водството на Јунајтед, а само шест минути подоцна Бруно Фернандеш донесе и 3-1. Вергост во 84. минута ги постави конечните 4-1, резултат кој во голема мера гарантира дека тимот на Ерик Тен Хаг ќе оди меѓу најдобрите осум.

Јувентус ќе мора добро да се испоти на реваншот со Фрајбург, за да мине во следната фаза. Вечерва тимот од Торино минимално го совлада Фрајбург, со гол на Ди Марија во вториот дел. Згора на тоа на германскиот тим му беше поништен гол за 1-1, по прегледот на ВАР.

„Експертите“ за Лигата на Европа Севилја, се стекнаа со добра предност во дуелот со Фенербахче. Шпанскиот тим триумфираше 2-0 на првиот меч на „Санчез Пизхуан“ со головите на Џордан и Ламела во вториот дел.

Шахтјор имаше предност над Феенорд од 1-0, но ја прокоцка во финишот, па холандскиот тим успеа да извади нерешено. Украинците водеа со голот на Ракицки, а израмни Булауд во 88. минута.

Се вчитува...