Поранешниот репрезентативец на Франција, Франк Лебеф, отворено го критикуваше Килијан Мбапе поради неговите слаби игри на досегашниот дел од ЕВРО 2024, порачувајќи му на селекторот Дидие Дешамп дека е дојдено време да го испрати големиот ас на клупата за резерви.
Мбапе го повреди носот на премиерниот меч со Австрија, потоа паузираше еден натпревар, но по камбекот на терените тој е далеку од посакуванаа форма. За Лебеф, тоа е јасен знак дека нешто треба да се менува.
„Ако гледаме играч по играч и анализираме, постои реален проблем што се вика Килијан Мбапе. Ако си повреден и не можеш да играш стопроцентно, ако си на само 50% од своите можности, тогаш воопшто не треба да играш. Или во најмала рака, не треба да си стартер со 50% од можностите, така не си му од корист никому. Од она што јас го гледам, подобро би било ако селекторот го пресели Мбапе на клупата, а стартува со Бредли Баркола од првата минута“, изјави Лебеф.
Јасно е дека Дешамп нема намера да го послуша својот поранешен репрезентативен колега и токму Мбапе ќе биде главен адут на Французите во вечерашното полуфинале против селекцијата на Шпанија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА