Леброн Џејмс во понеделник го прослави својот јубилеен 40. роденден, но големиот ас не планира да застане тука. Американските новинари очекувано беа заинтересирани за плановите за иднината на еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, а Леброн изненади многумина со одговорот.
„Искрено, неверојатно е што се уште сум овде, што продолжувам да играм на високо ниво, што се уште се чувствувам млад иако сум стар ако зборуваме за кошаркарска возраст. Секако дека размислувам за пензионирање почесто отколку порано, но верувам дека можам да играм уште најмалку пет до седум години. Велам можам, нема да го сторам тоа, но способен сум да играм на највисоко ниво уште долг период“, изјави Џејмс.
Леброн е само втор кошаркар во историјата кој настапил во 22 сезони од НБА лигата (покрај Винс Картер), а стана и 32. играч кој одиграл меч во најсилната лига во светот по својот 40. роденден.
Оваа сезона тој настапи на 28 натпревари во дресот на ЛА Лејкерс и има просек од 23,5 поени, 7,9 скокови и 9 асистенции по натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА