На 15,3 секунди пред крајот, Леброн Џејмс ги постигна победничките поени за Лос Анџелес Лејкерс во тесниот триумф од 107-106 против Атланта. За Лејкерс ова е првпат сезонава да врзат серија од три последовни победи. Вкупниот биланс сега им е конечно позитивен, 7/6 со што се пробија на осмата позиција во Западната конференција. Џејмс средбата ја заврши со 26 поени, Кајл Кузма имаше 18. Кај Атланта која се дави на дното на Источната конференција, Торијан Принс запиша 23 поени.
Во дуел со многу осцилации Бостон го победи Портланд со 100-94. Иако Блејзерс имаа предност во најголемиот дел од средбата, најмногу плус 21 на крајот од првото полувреме, гостите во неколку наврати се враќаа од големиот минус. Со серија од 14-1 во последната четвртина, Бостон дојде до израмнување, но потоа благодарение на Јусиф Нуркиќ и на Ал-Фарук Амину кој погоди тројка од речиси 10 метри за 100-94 на точно една минута пред крајот, Портланд сепак триумфираше и ја забележа четвртата последовна победа.
Демијан Лилард со 19 поени беше прв стрелец, Нуркиќ за 28 минути постигна 18 поени и 17 скока, Си Џеј Меколум додаде 14, а Амину 11 поени. Џејсон Тејтум со 27 поени и Кајри Ирвинг со 21 поен беа најдобрите поединци кај Бостон кој загуби четири од последните пет средби.
Милвоки му го нанесе третиот последовен пораз на Денвер, триумфирајќи во дуелот на теренот на „Нагетс“ со 121-114. Во неизвесниот и во најголем дел израмнет натпревар, Милвоки најголемата предност од 11 поени ја имаше на крајот од третата четвртина (99-88). Денвер сепак успеа да се врати и поведе со 109-105, но потоа имаше црн период во последните три минути во кои постигна само два поена благодарение на што Милвоки додје до 10 триумф во 13 одиграни мечеви сезонава.
Играчите од почетниот состав на Милвоки постигнаа 93 поени, а центарот Брук Лопез постигна 28 поени и имаше одличен шут за три поени (8/13). Кај Денвер, Пол Милсап беше прв стрелец со 25 поени, но 23 постигна во првото полувреме. Никола Јокиќ средбата ја заврши со 20 поени, ниту еден во завршната четвртина.
Одличниот Џејмс Харден со 40 поени го предводеше Хјустон до триумфот над третопласираниот тим на Истокот, Индијана од 115-103. За „Рокетс“ ова е само петта сезонска победа (5/7). Индијана има биланс од 8 триумфи и 6 порази.
Во неделната програма уште и Орландо забележа гостинска победа на Њујорк со 115-89, а Шарлот го победи Детроит со 113-103.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА