Последниот ден од преодниот рок во НБА-лигата неочекувано минува во знакот на Кливленд кавалирс, откако актуелниот вицешампион направи мини-ремонт за да ја запре резултатската криза во која падна во последните триесетина дена.
Леброн Џејмс со разочараност говореше за настапите на својот тим во изминатиот период, а управата побрза да го расположи „кралот“, па ги испрати ширум САД голем дел од играчите кои дојдоа минатото лето, но не ги оправдаа очекувањата.
Како што е познато, Ајзеа Томас беше испратен во ЛА лејкерс заедно со Ченинг Фрај, а за возврат Кливленд ги доби Кларксон и Ненс џуниор.
Исто така, раководството на Кливленд влезе во трокружна замена со Јута и Сакраменто, при што ги доби Родни Худ и Џорџ Хил. Како дел од таа замена Џеј Краудер и Дерек Роуз се преселија во редовите на Јута џез, додека Иман Шамперт се пресели во Сакраменто.
Згора на тоа, Леброн остана и без својот најдобар пријател во тимот, откако Двејн Вејд беше испратен во Мајами, клубот во кој заедно со „кралот Џејмс“ овој одличен бек стигна и до шампионски прстен.
Јасно е дека на овој „реновиран тим“ ќе му биде потребно дополнително време за воигрување, па интересно ќе биде да се види како овој ремонт ќе влијае врз шансите на Кливленд во битката за титулата, во која главен фаворит останува Голден стејт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА