Кливленд предводен од Леброн Џејмс дојде до славје против Индијана од 115-108 во еден од синоќешните дуели во НБА лигата.
Џејмс запиша „трипл-дабл“ од 26 поени, 11 асистенции и 10 скока, а Џејар Смир исто така одигра одлично завршувајќи со 23 поени. Кај Индијана најдобар беше Виктор Оладипо со 25 поени, додека Бојан Богдановиќ имаше 10 поени.
Торонто и Јута ни приредија интересен меч во кој на крајот до победата дојдоа Џезерите со 93-97. Повторно фантастичен беше Донован Мичел со 26 поени, додека Руди Гоберт дополни со 18 поени и 15 скока.
Милвоки немаше поголеми проблеми против Бруклин во својата сала, па на крајот запишаа висока победа од 116-91.
Јанис Антетокуомпо постигна 41 поени, а на тоа дополни и 13 скока, додека Крис Мидлтон постигна 21 поен. На спротивната страна ДеМаре Керол постигна 14 поени.
Во останатите натпревари ЛА Лејкерс славеа против Чикаго со 108-103 предводени од Брендон Инграм со 25 поени. ЛА Клиперс беа подобри од Мемфис со 109-100 во меч во кој Лу Вилијамс „лудуваше“ со 40 поени, додека на спротивната страна Марк Гасол предводеше со 13 поени, 12 скока и 10 асистенции.
Одлична кошаркарска претстава приредија и Хјустон и Њу Орлеанс, за да на крајот слават Дејвис и компанија со 113-115.
Крис Пол го одигра својот најдобар меч во дресот на „Ракетите“ со 38 поени, додека Харден имаше 23 поени. Победничката екипа, пак, ја предводеа Дејвис со 27 поени и 11 скока, и Казинс со 15 поени, 13 скока и 11 асистенции.
Кошаркарите на Шарлот запишаа победа на домашен терен против Атланта од 121-110.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА