Флоријан Вирц е еден од најбараните фудбалери во светот во моментов, а е главна цел на неколку врвни клубови. Во трката за неговиот потпис предводи Баерн Минхен, кој е подготвен да му плати на Баер Леверкузен 125 милиони евра, но поранешната легенда на „Аспирините“ не верува дека Баварија е вистинската дестинација за германскиот фудбалер.
Станува збор за Јенс Новотни (51), кој играше цела деценија за Леверкузен (1996-2006), период во кој запиша не помалку од 295 натпревари со тимот од Леверкузен, вклучително и во тимот што стигна до финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2001-2002.
Во интервју за „Скај“, поранешниот дефанзивец изјави дека негова главна желба е Вирц да продолжи во Леверкузен следната сезона, а потоа да се пресели во голем клуб надвор од Германија.
„Секако постојат и други земји со врвни клубови каде што можете да го направите следниот чекор во вашиот развој, со друг јазик и нова земја. Не мислам дека Баерн би бил најдобрата дестинација. Не верувам дека тоа би имало смисла за него. Ако Флоријан оди во нов клуб, очигледно е дека прво ќе мора да се навикне на околината и нема да има резервирано место за почеток. Сепак, се надевам дека ќе остане уште една година во Леверкузен, ќе го освои Светското првенство во 2026 година, а потоа ќе замине во странство како светски шампион. Тој има потенцијал да стане играч од светска класа и вистински лидер за германската репрезентација“ – рече Новотни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

