Гостувајќи на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, можеби двете најголеми имиња на женскиот екипен спорт во Македонија, Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева, неизбежно се потсетија и на Светското првенство 1997 во Германија и освоеното 7. место што е најголем успех во историјата на македонскиот екипен спорт.
Тогаш Македонија за првпат учествуваше на едно светско првенство во екипен спорт. Никој во земјата не ни знаеше дека ракометарките одат на СП, заминаа како никој и ништо, а таму и беа пречекани како тотални аутсајдерки, но успеаја да го изненадат целиот свет.
Легендарната Индира со солзи на очите, во крајно емотивно сеќавање за СП 1997, вели дека секогаш и се плаче кога ќе се сети на тие денови во Германија, кога и со 71 постигнат гол беше и убедливо најдобар стрелец на шампионатот.
„Тоа Светското првенство беше многу емотивно за сите нас. Не пратија со кошаркарски тренерки, кој што најде“ – низ смеа се потсетува Индира и дополнува:
„Но, тоа воопшто не ни беше важно. Ние првпат одевме на Светско првенство. Првпат колективен спорт отиде од Македонија на Светско првенство. Мени не ми беше важно со што ќе одам. Важно е да одам, и да одиме сите. Ти одиш на едно светско првенство, никој не ни знае, во државата…“
„Кошаркарска опрема, кошаркарска. Нема проблем. Само дај да одиме на тоа светско првенство“ – дополнува и капитенката на таа репрезентација, Гордана Нацева.
„Ние кога се појавивме таму, никој не сметаше на нас. Одиме на доручек, на ручек, на вечера. Тотални аутсајдери. Никој не ни знае кои сме, чудно не гледаат. Се сеќавам. Ние не бевме ни ставени под името Македонија за втората фаза, туку во Берлин си ја рачунале Данска да продолжи. Па, веќе ја напишале Данска, Па после кога јапобедивме Данска, пиши-бриши. На натпреварите, со песна излегувавме на терен, зада се мотивираме. Реално никој не очекуваше такво чудо. Никогаш нема да го заборавам тоа светско првенство, така емотивно и позитивно. И сега се ежам кога се сеќавам, првпат после осамостојување на Македонија првпат некој колективен спорт излезе под знамето на Македонија во светот. Тогаш немаше и интернет, и не бевме свесни дека нашите успеси така силно одекнувале во Македонија. Па Зоран ми вика: „Никој, вика нема…. Нема на улица луѓе“. „Зошто нема луѓе…?’ – му вела. Па, вика: „Се застанува кога играте вие натпревар“. Е, после кога се вративме тука, кога излеговме на плоштад. Навистина мене сега ми се плаче. Од аеродром, па до плоштад… Леле“ – се потсеува низ солзи Индира Кастратовиќ.
ЦЕЛОТО ПОТСЕТУВАЊЕ НА КАСТРАТОВИЌ И НАЦЕВА ЗА СП 1997 ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
==========================================
КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

