Легендарниот Џон Барнс во Македонија: „Секогаш со задоволство се сеќавам на мајсториите на вашиот Дарко Панчев!“

Еден од најславните фудбалери на Ливерпул во историјата, легендарниот Џон Барнс изминативе денови беше гостин во Македонија, на покана на македонскиот фан клуб на Ливерпул.

Барнс често патува низ светот, минувајќи денови дружба со фановите на Ливерпул насекаде на планетата, а сега за првпат и во Македонија.

Сега 62-годишниот Барнс, е незаборавна легенда и на англиската репрезентација за која има 79 настапи во периодот од 1983 до 1995 година и десет постигнати голови, токму во генерациите и на нашата златна вардарова генерација, но и во годините кога Црвена Звезда под лидерство на Дарко Панчев ја освои европската шампионска титула. Токму затоа, како што вели Барнс во разговор со македонските медиуми, и секогаш со задоволство се сеќава на мајсториите на најдобриот македонски фудбалер, Дарко Панчев.

„Првпат сум во Македонија, но знам дека од тука е еден од најдобрите фудбалери во Европа и во светот од моите генерации, Дарко Панчев. Секогаш со задоволство се сеќавам на мајсториите на вашиот Панчев. Немавме можност да играме еден против друг на клупско ниво, но знам дека игравме против репрезентацијата на Југославија, и уште тогаш не опоменуваа да внимаваме на нивниот најдобар напаѓач Панчев. Секако се сеќавам и на онаа генерација на Црвена Звезда и неговите голови на патот до трофејот во Лигата на шампионите“ – вели Барнс.

Легендата на Ливерпул е изненаден од гостопримството на македонскиот народ…

„Покрај љубовта кон фудбалот која ја имате видов дека сте навистина гостопримлив народ. Прекрасно се чувствувам тука, а сум бил насекаде низ светот. Навистина би сакал и мојот Ливерпул повторно да гостува тука, бидејќи знам дека еднаш гостуваше во европските натпреварувања, против Работнички“ – вели Барнс.

Се вчитува...