Легендарниот бразилски фудбалер и капитен на селекцијата која го освои Светското првенство во 1994 година, а подоцна и селектор, Дунга имаше тешка сообраќајна несреќа во Бразил. Според локалните медиуми, 60-годишниот Дунга го возел својот автомобил по меѓуградските патишта кога изгубил контрола над возилото и се превртел.
Бразилските медиуми објавија дека Дунга поминал без поголеми повреди, исто како и неговата сопруга која исто така била во автомобилот. Возилото, пак, претрпело голема штета. На Дунга му беше направен алкотест, кој бил негативен.
Дунга за бразилската репрезентација одигра 91 натпревар и постигна 6 гола. Во клупската кариера настапуваше за Интернасионал, Коринтијанс, Сантос, Васко де Гама, Пиза, Фиорентина, Пескара, Штутгарт, Џубило Ивата и повторно за Интернасионал. Како селектор го водеше Бразил од 2006 до 2010 година и од 2014 до 2016 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

