Германскиот ракометен грубијан објави крај на кариерата

Легендарниот германски ракометар Патрик Винцек денеска го објави своето збогување од овој спорт, по серијата проблеми со повреди што ги имаше овој специјалист за одбрана во последните години.

Винцек се поретко можеше да ги покаже своите квалитети во дресот на Кил, поради што реши да ја заврши кариерата на 35-годишна возраст. Тој ќе остане дел од „зебрите“, откако постигнал договор од следната сезона да стане дел од управата на поранешниот европски шампион.

„Долгото патување дојде до крајот, време е да ги соблечам ракометните патики. Секогаш бев полн со страст и ентузијазам кога играв ракомет, така што оваа одлука воопшто не беше лесно. Не сакам целосно да се разделам од Кил, така што ќе останам лојален на клубот, но во една поинаква улога“, објави Винцек, кој десетина години наназад важеше за еден од најгрубите ракометари во Лигата на Шампионите..

Патрик Винцек го носеше дресот на Кил од 2012 година, кога дојде во овој клуб од редовите на Гумерсбах. Во богата колекција на трофеи има шест титули во Бундес-лигата, четири во Купот на Германија и по еден трофеј од Лигата на Шампионите и од ЕХФ-купот.

Се вчитува...