Легендарниот швајцарски репрезентативец и поранешен фудбалер на Баер Леверкузен, Адмир Мехмеди ќе биде нов спортски директор на Шкендија.
По неуспехот на европската сцена ова лето очигледна е интенцијата на челниците на Шкендија во промена на спортскиот дел, поради што, како што пренесува швајцарски „Блик“, одлуката е довербата е да се даде на славното име на швајцарскиот фудбал, Адмир Мехмеди.
33-годишниот Мехмеди, по завршувањето на играчката кариера во 2023 година, изминатава сезона беше спортски директор на швајцарски Шафхаузен, но се одлучи да замине од клубот откако сопствениците го намалија претходно договорениот буџет за новата сезона. Па, сега Мехмеди е пред официјална промоција како нов спортски директор на Шкендија.
Мехмеди, кој е роден во Гостивар, фудбалската кариера ја почна во Швајцарија каде од мали нозе е преселен со неговото семејство. Во својата повеќе од богата кариера настапуваше за Цирих, но и Фрајбург, Волфсбург и Баер Леверкузен во Бундеслигата, како и за Динамо Киев. Кариерата ја заврши во турска Анталијаспор. За швајцарската репрезентација има 76 настапи и 10 постигнати голови. Учествуваше со Швајцарија и на СП 2014, како и на ЕП 2016 и ЕП 2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА