Легендарниот голгетер Раул Гонзалес Бланко и дефинитивно си замина од Реал Мадрид, каде во последните години ја извршуваше функцијата тренер во младинската екипа на „кралевите“.
Раул важи за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња на Реал, кому му беше понудено првите тренерски чекори да ги направи токму во овој шпански гигант. Неговото име беше поврзувано со клупата на првиот тим во неколку наврати, а Раул во меѓувреме и одби неколку клубови ширум Европа чекајќи го повикот на Флорентино Перез.
Сепак, откако првиот човек на Реал го избра Чаби Алонсо за нов шеф на стручниот штаб, Раул реши да ја напушти функцијата во младинската школа.
„Можеме да потврдиме дека Раул ја информираше управата за својата одлука да си замине од функцијата тренер на младинскиот тим. За нас беше гордот една од легендите на клубот да биде тренер во младинските категории. Раул е фигура што е олицетворение на вредностите на Реал Мадрид, што ги пренесе врз сите младински екипи со кои работеше од 2018 па се досега. Му посакуваме на Раул и на неговото семејство се најдобро во новата авантура во животот, тој секогаш ќе биде во срцата на нашите навивачи, Реал Мадрид секогаш ќе биде негов дом“, се вели во соопштението на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

