Рафиња стави крај на 23-годишната кариера

Бразилскиот фудбалер Рафиња кој во европскиот фудбал е добро познат по настапите за Баерн Минхен во златната ера на германскиот великан стави крај на богатата кариера со објава на социјалните мрежи.

Сега 39-годишникот првиот сениорски настап го имаше во 2002 година настапувајќи за Коритиба, а во 2005 година ја започна и европската авантура во дресот на Шалке 04 за кој настапуваше до 2010 година. По една сезона помината во Џенова, во 2011 година се пресели во Баерн Минхен со кој освои седум трофеи во Бундеслигата, четири во германскиот Куп, три во Суперкупот на Германија, а и по една титула во Лигата на Шампионите, УЕФА Суперкупот и ФИФА Светското клупско првенство.

Во објавата Рафиња посебно им се заблагодари на Шалке 04 кој „веруваше во дечкото од Бразил“, и Баерн Минхен кој со години беше неговиот дом и со кој освои се што можеше во фудбалот.

Покрај споменатите клубови, Рафиња настапуваше и за Фламенго, Олимпијакос, Гремио и Сао Паоло.

Се вчитува...